Малите фирми во Македонија лани оствариле профит од 474 милиони евра што е околу половина од вкупната добивка на македонското стопанство, кое според доставените финансиски извештаи изнесувала околу 911 милиони евра. Ваквите резултати покажуваат дека во делот на малите претпријатија лежи голем потенцијал, кој треба да го имаат предвид банките за финансирање на нивните проекти и активности. Токму финансирањето на малите и средни претпријатија и пристапот до финансиски средства е во фокусот на Годишната конференција на Европскиот фонд за Југоисточна Европа (ЕФСЕ), што вчера и денес се одржува во главниот град на Ерменија, Ереван. Учествувајќи на панелот на гувернерите, директорката на Дирекцијата за супервизија при Народната банка на Македонија, Милица Арнаудова - Стојановска, истакна дека секторот на микро и мали претпријатија останува значаен дел од вкупните стопански активности.
Малите фирми во Македонија лани оствариле профит од 474 милиони евра што е околу половина од вкупната добивка на македонското стопанство, кое според доставените финансиски извештаи изнесувала околу 911 милиони евра.
Ваквите резултати покажуваат дека во делот на малите претпријатија лежи голем потенцијал, кој треба да го имаат предвид банките за финансирање на нивните проекти и активности. Токму финансирањето на малите и средни претпријатија и пристапот до финансиски средства е во фокусот на Годишната конференција на Европскиот фонд за Југоисточна Европа (ЕФСЕ), што вчера и денес се одржува во главниот град на Ерменија, Ереван.
Учествувајќи на панелот на гувернерите, директорката на Дирекцијата за супервизија при Народната банка на Македонија, Милица Арнаудова - Стојановска, истакна дека секторот на микро и мали претпријатија останува значаен дел од вкупните стопански активности. Сепак, иако од вкупниот број стопански субјекти, на овој сектор отпаѓаат дури 98 отсто, микро и мали претпријатија учествуваат само со околу 40 отсто во вкупните средства.
„Просечната големина на микро и малите фирми е околу 44.000 - 45.000 евра, додека на големите компании околу 28 милиони евра“, рече Арнаудова - Стојановска истакнувајќи дека минатата година, според податоците доставени до официјалните институции, најлошо поминале најмалите, односно микро фирмите кои работеле со загуба. Но, разлика од нив, на секторот на мали претпријатија, според доставените извештаи до Централниот регистер, му одело многу подобро. „Секторот на мали претпријатија има голем потенцијал за раст“, истакна Арнаудова - Стојановска. Недостигот од соодветни финансиски податоци, колатералот, недостигот на менаџерски вештини, но и даночната евазија, се главните предизвици кои според супервизорите се испречуваат пред овие фирми и до можноста да имаат пристап до финансиски средства. „Во земји каде што е значајно учеството на сивата економија и каде што даночниците се принудени често да вршат присилна наплата на давачките, тоа создава поголем ризик и за банките“, смета Арнаудова – Стојановска, додавајќи дека банките се соочуваат и со тешкотии како да ги одделат приходите на бизнисите од личните приходи.
Банките во Македонија, сепак, никогаш не го сопреле кредитирањето на микро и на малите претпријатија, што покажува и кредитниот раст од седум-осум отсто. Сепак, податокот дека овие кредити учествуваат со 30 отсто, покажува дека во овој дел има потенцијал за поголемо кредитирање, посебно од аспект на оспособувањето на овие фирми да станат кооперанти на големите компании кои инвестираа во слободните економски зони и кои веќе учествуваат со една третина во вкупниот македонски извоз.
Според вицегувернерот на хрватската Централна банка, Мајкл Фуленд, микро и малите претпријатија се соочија со продолжена рецесија која предизвика и недостиг на побарувачка, но и намалена доверба кон овие фирми. Сепак, според него, кредитирањето не се намалило, иако проблем е што и нема кредитен пораст.
Многу од земјите во регионот по бумот во кредитирањето пред кризата се соочија со повлекување на средствата од страна на странските банки што ја отежна дополнително ситуацијата и за малите фирми. „Токму кризата покажа дека е потребна поголема соработка со малите и средни претпријатија“, истакна Торстен Бек, професор за банкарство и финансии на „Кас бизнис школата“ во Лондон и на холандскиот универзитет „Тилбург“. Тој предложи банкарите повеќе да се свртат кон готовинскиот тек, а не толку на залогот кој го нудат фирмите кои бараат кредитна поддршка.
Од друга страна, учесниците на панелот оценија и дека оние банки кои на микро и на малите фирми во текот на кризата им понудиле нови кредитни производи, сега имаат помало учество на лоши кредити во нивните портфолија.
Годишната конференција на ЕФСЕ, фокусот го стави и на кредитирањето на аграрот, каде што според претседателот на Одборот на директори на ЕФСЕ, Моника Бек, фондот ќе посветува се' поголемо внимание. Во таа насока треба да се надминат и пречките, меѓу кои недостигот од соодветен кадар, перцепцијата дека секторот е високоризичен, високите трансакциски трошоци и тн.
ЕФСЕ, инаку, е еден од најголемите фондови кои што придонесуваат за развој на малите и средни претпријатија. Од 2005 година кога беше основан, до крајот на минатата година има придонесено за вкупно 3,3 милијарди евра одобрени кредити за микро и мали претпријатија како и за домаќинствата. Најголеми корисници на средства од овој фонд од земјите од регионот се Србија со 24,2 отсто и БиХ со 12,3 отсто, додека Македонија учествува со 2,3 отсто.